• недела, 23 февруари 2025

Фон дер Лајен за протестите во Софија: Насилството и вандализмот никогаш не се решение 

Фон дер Лајен за протестите во Софија: Насилството и вандализмот никогаш не се решение 

Брисел, 22 февруари 2025 (МИА) - Во Европа имаме право да демонстрираме на мирен начин, но насилството и вандализмот никогаш не се решение, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во врска со денешните насилни протести пред Канцеларијата на ЕУ во бугарскиот главен град Софија.  

- Срамни сцени во Софија каде нашата ЕУ канцеларија беше оштетена, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс. 

Реакцијата на Фон дер Лајен се однесува на инцидентите за време на протестите против плановите на властите за замена на левот со еврото во 2026 година, што ги организираше бугарската екстремно десничарска партија Преродба пред Канцеларијата на Европската Унија во Софија, на кои учествувале околу илјада лица.  

За време на протестот приврзаници на Преродба фрлале боја, петарди и молотови коктели кон Канцеларијата на ЕУ, а до инцидентот дошло кога дел од нив се обиделе да упаднат во објектот, но биле спречени во таквата намера од страна на полицијата. 

Според полициски извори, при инцидентот полесно се повредени 10 полицајци, додека шестмина демонстранти биле приведени.  

Партијата Преродба, пак, информира дека меѓу приведените е и нејзиниот пратеник Ивајло Чорбов, додека двајца други пратеници се здобиле со повреди и се пренесени во болница. сп/ 

Фото: ЕПА 

Остани поврзан